Историјат на ЗОО Скопје

Во текот на своето постоење Градината игра значајна улога во едукативно-воспитниот, културниот и рекреативниот живот не само на Градот туку и пошироко, и е една од најпосетените институции во Градот и пошироко во Републиката. Зоолошката градина Скопје е формирана во 1926 година од страна на тричлена комисија со која раководел доктор Станко Караман, тогаш е предложена и денешната локација која зафаќала 4 хектари површина до крајот на 1965 година. Во тоа време Градината располагала со скромен број животни. Со текот на годините Градината се проширувала и се зголемувала колекцијата на животни. Денес Градината е лоцирана на површина од 12 хектари, и располага со колекција од 495 животни од 96 видови (цицачи, птици, влекачи). Располага со економски дел, работилница, ветеринарна амбуланта, забавен парк за деца, едукативен центар.  

Во Градината има 50 вработени и 7 волонтери. Од 1926 до 1991 година Зоолошката е под надлежност на Градот Скопје. Од 1991 до 2005 преминува под надлежност на министерство за култура на Р.М, а со децентрализацијата од 01.09.2005 е под Град Скопје. Има воспоставено соработка со други зоолошки градини како: Битола, Загреб, Белград, Нирнберг, Палиќ, Љубљана, Келн, Москва, Виена. Од 2006 година Зоолошката започна соработка со ЕАЗА (Европска Асоцијација за Зоолошки и Акварии), а од Mај 2009 година Градината се здоби со статус Кандидат за член на ЕАЗА. Во Зоолошката градина се одржуваат практични настави на ученици од средните и основните училишта како и научни истражувања. Зоолошката е отворена за посетители 365 дена во годината. Моментално Градината е во фаза на реконструкција.